Значењето на кодирањето во наставата
Серијал колумни од Билјана Жеревска- новинар и магистер по студии на политики...

Во современиот свет програмирањето претставува општ процес на креирање програма што следи одредени стандарди и извршува одредена задача. Од друга страна, кодирањето е еден дел од програмирањето и се занимава со претворање на јазикот што го разбираме во бинарни команди за машината. Денес, кодирањето е дел од основната писменост во дигиталната ера за да може секој да ја разбира технологијата што насекаде нѐ опкружува. Оние деца што ќе го научат кодирањето на рана возраст, ќе бидат подобро подготвени за иднината. Кодирањето ќе им помогне да развијат добри вештини за комуникација, да станат покреативни, да стекнат знаења по математика и пишување, но и да имаат поголема самодоверба.
Компјутерското размислување претставува процес на решавање проблем и вклучува голем број карактеристики и диспозиции. Основното во овој процес е да се формулира проблемот на начин што овозможува да се користат компјутерот и други алатки за да се овозможи негово решавање, да се спроведе логично организирање и анализа на податоците. Би-би-си истакнува четири основни камен-темелници на компјутерското размислување: 1) разложување на проблемот, 2) препознавање на обрасците, 3) апстракција и 4) алгоритми. Преку разложувањето, учениците стекнуваат вештини да ги поделат сложените проблеми во помали и поедноставни проблеми, а тоа во голема мера ќе им помогне во животот како да се соочуваат со проблемите од која и да е природа.
Мајк Гершин, автор на бестселери, укажува на важноста на развојната психологија, чиј основач е американскиот психолог Керол Двек, која всушност ја разбива идејата дека умствениот склоп кај децата е вроден и еднаш за секогаш даден. Оние ученици што се отворени за промени имаат поголеми шанси за развивање на нивната интелигенција и талент. Почетниот став дека секој може да се смени ја зголемува веројатноста дека личноста ќе истрае во совладувањето на пречките, дека тие пречки ќе бидат прифатени како предизвици низ кои преку учење од грешките, ќе се дојде до повисок развој.
Ако мотивацијата за постојано учење лежи во ставот на личноста, многу е важно тој став да се вградува кај учениците низ воспитно-педагошкиот пристап. Освен тоа, во образованието треба да се смени и начинот на предавање на лекциите, преку интерактивен чин во којшто креативно ќе учествуваат наставниците и учениците, а дигиталната настава го овозможува тоа. На пример, преку т.н. „превртено учење“, наставникот им праќа на учениците дел од лекцијата како задача да ја разгледаат дома и да одговорат на прашањата, а потоа на часот се разговара за она што го гледале како како и за нивните размислувања на темата. Еве како го објаснува тоа Кристи Тонгс, директор на „Чајлдтехнолоџи“:
„...ако предавате за циклусот на движење на водата, наместо десет минути од часот да гледате видео каде што учениците седат пасивно и само гледаат, ако им го пратите тоа видео преку образовна платформа, ...вие сте ги добиле тие десет минути од часот...“
Овој начин на предавање е еден од подобрите и им овозможува добар увид на наставниците во тоа колку разбрале децата уште пред да им ја предаваат лекцијата и што треба да направат за да може сите ученици да ја разберат.
Бројни студии ја докажуваат поврзаноста на кодирањето со развојот на критичкото размислување кое ги поттикнува учениците на рефлективно и независно мислење и им овозможува да ги разберат логичките врски помеѓу идеите. Клучните вештини за критичко размислување се: анализа, толкување, заклучок, објаснување, саморегулација, отворен ум и решавање на проблеми. Воедно, на тој начин учениците ја развиваат и добрата комуникација, креативноста, стануваат поотворени, поставуваат осмислени прашања, лесно се вклучуваат во тимска работа при решавање на проблеми и развиваат способност за самооценување.
Она што е сигурно е дека учејќи да кодираат, учениците учат како да мислат, што не води со метакогницијата како „свесност за процесот на нашето мислење“. Несомнено, компјутерските науки ги развиваат компонентите на метакогницијата, како што се:
-Делкаративното знаење- свесност за тоа што треба да се направи;
-Процедурално познавање на вештината-стратегии и ресурси кои се потребни за да се изврши задачата,знаење како нешто треба да се изведе;
-Кондиционално знаење-кога нешто треба да се изведе и примени;
Користењето на овие метакогнитивни, регулаторни способности се нарекува когнитивен надзор или мониторинг, а тоа е контрола над сопствените стратегии за мислење и учење. Учејќи да кодираат, учениците паралелно ја развиваат метакогницијата, а со тоа стануват способни да размисуваат со цел да најдат решение за некој проблем – програмирањето е начин на размислување за тоа како да се најде вистинското решение за проблемот. Со помош на програмирањето, ги делиме големите проблеми на помали; тогаш се обидуваме да ги решиме малите делови. Колку се посложени прашања што треба да се решат, толку повеќе го подобрувате логично размислување.
Многу значајни се упорноста и вежбњето, бидејќи практиката е клучен дел од нашиот живот. Ако сакаме да имаме добра команда над она што го работиме, тогаш треба да го практикуваме истото повторно и повторно. Така, во одреден момент стекнуваме определена вештина. Истото правило важи и за логиката на програмирањето. Знаеме дека програмирањето не е така лесно, потребни се страст и одлучност. На почетокот се препорачуваат вежби со претходно напишани алгоритми. Алгоритам е збир на операции што се користат за решавање на предефиниран проблем.
Комуниколошките науки предлагаат играње компјутерски игри за кои е потребна логика. Со играњето шах и други слични логички игри се развива оваа филозофска вештина. Повеќето компјутерски игри помагаат да се изостри логичното размислување.
Процесот на програмирање им помага на учениците ефективно да ги следат своите когнитивни процеси, бидејќи доколку самите не забележат дека нешто не научиле, тогаш нема ни да ја променат својата стратегија на учење со цел да имаат резултат. Оваа способност се нарекува метаучење. Учениците трба да се учат да користат посложени стратегии при учењето, а не само едноставни, затоа што тие привидно доведуваат до резултат. Тие треба да ја разберат разликата помеѓу буквалното прераскажување на некој пасус или неговото сумирање, односно одвојување на битните од помалку битните факти. Учениците треба да се поттикнуваат да се служат со внатрешниот локус на контрола и своите неуспеси да ги препишуваат на недоволно вложениот труд, а не на талентот.
Способност да размислуваме за стратегиите според кои помниме,овозможува ефикасно кодирање, чување и пристап до информациите. Метамеморијата се развива со зреењето и е во корелација со знаењето. Детето кај кое метамеморијата е добро развиена, има поголеми предипозиции за побрзо и поефикасно усвојување на академмски содржини.
Метаслушање е кога го разбираме тоа што го слушаме, способност за размислување за главните точки од содржината која се слуша. Добро развиено слушање овозможува способност да се разбираат другите , насочување на вниманието кон соговорникот, способност за себеразбирање, способност за развивање на социјални односи и учество во заедницата. Вештини кои се развиваат при усвојување на метаслушањето се: насочено внимание, фокусираност на текот на разговорот, успорување доколку е потробно, чекање на ред за земање збор и свест за соговорникот.
Метарзабирањето пак, овозможува ученикот да ја разбере содржината,овозможува да ги воочи неразбирливите делови од текстот и е многу е значајна вештина за постигнување академси успех.
Продолжува...
Наставниците и нивните предизвици во дигиталната ера (7)
Дигитална писменост- пат кон просперитетна иднина (6)
Mедиумска писменост- појава, развој и значење (5)
Значењето на дигиталната компонента на образовниот процес (4)
