ПРЕДИЗВИЦИТЕ НА ДИГИТАЛНОТО ОБРАЗОВАНИЕ (9)

Неопходноста од воведување дигитална педагогија во наставата

04.06.2021 11:03

Серијал колумни од Билјана Жеревска- новинар и магистер по студии на политики...

Во светот, дигиталната писменост стана тема на дискусија на сите тековни образовни теории и повеќето од нив го препознаваат огромниот потенцијал на ИКТ за персонализирање на наставата, како и за интерактивен процес на учење. Всушност, воведувањето на новите ИКТ во училиштата е образовно, а не технолошко прашање. За да се реализира овој процес, потребно е да се охрабрат наставниците и учениците и тие да станат предводници, бидејќи сегашните млади генерации се оние што ќе ја трансформираат нашата култура и ќе имаат влијание во промената на општеството. Нивните ментори треба да им помогнат да станат што подобри и повешти во идните професии. За можноста да се учи низ игра и преку употреба на социјалните мрежи, Ерик Шенингер од Меѓународниот образовен центар, кој од магазинот „Тајм“ е прогласен за највлијателен автор на „Твитер“ за 2014 година, смета дека социјалните медиуми можат да ја подобруваат културата ако тоа се прави стратегиски. Социјалните медиуми можат да ја подобрат транспарентноста, брзо да пренесуваат точни информации и новости во кое било време и на кое било место. Според него, тоа нуди големи поволности, но во нивното користење во образованието треба да е присутна педагогијата:

„Со социјалните медиуми може да ги покажеме сите фантастични нешта што се случуваат во училниците секој ден, со тоа што стануваме главниот наратор.Можат да им помогнат на децата да соработуваат ширум светот, да создаваат артефакти на учење,  да го контролираат учењето.“

Меѓу најголемите иноватори на новите образовни модели во Велика Британија е неодамна починатиот сер Кен Робинсон, еден од глобалните лидери во доменот на креирањето и имплементирањето на новиот пристап во образованието, бидејќи сегашниот образовен систем не е соодветен за развивање на новите вештини што се неопходни за 21-виот век. Тој смета дека успехот може да дојде само ако образованието го прифатиме како органски систем, а не како механички, потенцирајќи ја важноста на позитивната клима во училиштата, која ќе овозможи развивање на новите вештини:

„Децата и сите ние имаме многу длабока способност за иновација. Не само за креативност, туку и сензибилитет за расудување. Родени сме со нив, но не значи дека тие ќе се развијат.Тоа е прашање на можност и на образование.

Имајќи предвид  дека присуството на технологијата во образованието не може да се избегне, наставникот  Мануел  Тренс од  Лондон смета дека мора целосно да се преформулира погледот за улогата на наставникот и учениците на часот. Освен тоа, мора да се промени и начинот на учење, зашто сега може да се учи и на други места освен во училницата.

Слично мислење споделува и погореспоменатиот  Ерик Шенингер: „Зошто децата да учат во училница кога училница може да им биде целиот свет“.

Несомнен факт е дека во образованието се одвива глобална револуционерна промена. На ова поле следните промени ќе ги поместуваат границите и ќе дојдат генерации со сосем нова перцепција на стварноста, живеејќи во соединет свет, каде што ограничувањето на времето и просторот ќе бидат надминати со технолошките потенцијали. Притоа, во таа незапирлива промена, посебно место и улога има дигиталната педагогија.

Во таа насока, кај нас многу корисна улога одигра програмата „Училишта на 21-от век“, спроведена од Британскиот совет за културни врски и образовни можности на Обединетото Кралство, дизајнирана за поддршка на основните училишта од земјите на Западен Балкан. Идејата на овој проект спроведен во 2017 година беше да се претстават новите иновативни наставни методи и начини за подобрување на дигиталните вештини на младите. Програмата беше реализирана во согласност со актуелниот наставен план, а нејзина цел беше учениците да стекнат такви дигитални вештини со кои ќе станат способни за изнаоѓање решенија и да развијат критичко размислување, вештини кои се потребни за успешни кариери на работните места во иднината или за продолжување на наобразбата. Со оваа програма беа опфатени сите училишта од Западен Балкан, ставајќи притоа акцент на учениците на возраст од 10 до 14 години. Искуствата од Хрватска на тој план се повеќе од успешни. Во 2017 година, во шестите одделенија на 84% од основните училишта во Хрватска беа распоредени 3.800 микробитови. Во Србија овој проект опфати 25 училишта, а секое од нив имало на располагање по 30 микробит-уреди, следуваа и интензивни обуки за наставниците како да го предаваат кодирањето. Оваа настава за работа со микробитови поддржана од Британскиот совет за културни врски и образовни можности на Обединетото Кралство се реализираше и во други земји: Сингапур, Исланд, Данска, Норвешка и Финска.

Свесни за неопходноста од дигитална писменост, креаторите на образовните политики во Велика Британија, во 2014-тата година, воведоа задолжително внесување на кодирањето во курикулумите, со цел новите генерации да бидат подготвени за работните позиции што ќе се појават во иднината. Активен чинител за поддршка на овој концепт е проектот „Микробит“, кој веќе е имплементиран во британскиот образовниот систем. Не случајно во образовниот систем на Велика Британија му е дадено нагласено значење на кодирањето. Одговорност, компетентност, самодоверба и креативност, сите овие особини се очекуваат како исход од вклучувањето на кодирањето во наставата, што е важен процес преку кој учениците се обучуваат за аналитичко решавање на проблемите. Високиот квалитет на информатичкото образование им овозможува на учениците компјутерски да размислуваат и да ја развиваат креативноста, со цел да ги разберат и да се прилагодат на промените.

Според Гарет Џејмс, менаџер за образование и стратегија со микробитови, Би-би-си првпат почнал да работи на микробитови во 2013-тата, а првите прототипови ги пуштиле во 2015-тата, но тие се развивиле доста брзо во текот на истата година. Во 2016-тата година околу еден милион вакви уреди им биле распределени на децата од 11 до 12 години во училиштата низ целото Обединето Кралство. Внесувањето на микробитот во образованието ги охрабрува децата да се заинтересираат за дигиталните вештини, да станат креативни користејќи го кодирањето. Тоа е направено бидејќи дигиталните вештини се многу важни, работодавците низ целиот свет бараат луѓе со дигитални способности. Тој смета дека децата не мора да бидат програмери, туку луѓе кои се способни да ги користат дигиталните алатки. Тие алатки може да се користат и во многу други области од наставниот план, за ликовно и за музичко образование, може да се користат во науката за запишување податоци, во инженерството за системи и контрола, во роботиката итн.За Би-би-си, микробитот е алатка што може да се користи низ целото образование, не само за еден предмет. Гарет истакнува дека е многу задоволен што во Обединетото Кралство, каде што има релативно ниско ниво на учество на девојчиња во информатиката и физиката, многу девојчиња увидоа дека е интересна информатиката, а употребата на микробитот помогнала најмногу во дигиталната настава, нешто што не го постигнале другите алатки.

Конкуренцијата во Велика Британија меѓу компаниите што развиваат иновации за унапредување на употребата на новите ИКТ во образованието е голема. Компанијата „Микробит“ во 2016-тата година, исто така, на секој ученик во седмо одделение во Велика Британија му доделила по еден едноставен уред преку кој може да се развиваат инвентивноста и мотивираноста, како и да се стимулира љубопитноста.

Други значајни можности за воведување на новите технологии во образованието се бесплатните платформи на интернетот. На пример, Ребека Хароу, наставник во колеџот „Барнет Саутгејт“ од Велика Британија, ја користи виртуелна средина за учење наречена „Ај лерн“, на која може сите задачи да се гледаат онлајн, да се ставаат материјали, да се водат работилници, да се применуваат брзи тестови со коиучениците можат да видат до каде се со учењето, па дури да имаат увид иво оценките што ги добиле.

Успешен пример за тоа дека и невладиниот сектор може да пружи голема поддршка на овој процес е Croatian Makers, најголемото невладино образовно движење во ЕУ, во кое се вклучени околу 200.000 деца од Хрватска и десетици илјади од други земји (Србија, БиХ, Косово, па и Швајцарија, со поддршка од Шри Ланка). Ова движење, кое образуваше бесплатно над 3.000 наставници во Хрватска,  смета дека има влијание и на дигиталната култура, оспособувајќи ги заинтересираните наставници да ја шират дигиталната писменост понатаму. Croatian Makers смета дека младите луѓе во Хрватска се меѓу најдобритево ЕУ во однос на дигиталните вештини со кои располагаат. Ова движење успева да врши позитивно влијание и во најзаостанатите области во Хрватска, доближувајќи им ги новите технологии. На почетокот својата програма ја финансирале сами, од сопствени средства, а сега нивната дејност ја поддржуваат Гугл, ХТ, Фондацијата на Дојче Телеком, Хундаи, Брукета&Жиниќ и Греј.

Продолжува...

Значењето на кодирањето во наставата (8)

Наставниците и нивните предизвици во дигиталната ера (7)

Дигитална писменост- пат кон просперитетна иднина (6)

Mедиумска писменост- појава, развој и значење (5)

Значењето на дигиталната компонента на образовниот процес (4)