ПРЕДИЗВИЦИТЕ НА ДИГИТАЛНОТО ОБРАЗОВАНИЕ (10)

Опасноста од дигиталниот јаз

14.06.2021 11:28

Серијал колумни од Билјана Жеревска- новинар и магистер по студии на политики...

Веќе добро навлезени во 21-виот век, иднината што се отвора пред младите луѓе и особено пред децата е една нова „ера во која луѓето и предметите се меѓусебно поврзани со безжични технологии и каде што тие постојано комуницираат едни со други, формирајќи мрежен свет“, кој постојано развива „нови технолошки, социјални и културни практики“. Во таквиот свет на децата и младите луѓе им се потребни нови сфаќања и вештини за да можат да се прилагодуваат на постојаните промени.Оттука, се наметнува прашањето колку се подготвени нашите општества за новото време, колку вложуваат во тоа да се надминува дигиталниот јаз што ги раздвојува граѓаните на луѓе што се вклучени и на луѓе што не се вклучени во новиот информациско-технолошки свет.Дигиталната вклученост претставува вистински предизвик за општеството кое, во спроведувањето на своите политики или програми за дигитално вклучување на граѓаните од сите возрасти, постојано е соочено со брзиот развој на таа технологија, така што сето тоа претставува подвижна цел која постојано се поместува.Новите технологии бараат постојано учење и културализација, а знаењето и вештините се надградуваат едни на други.Со други зборови, дигиталниот капитал се акумулира со текот на времето и мора постојано да се развива.

Од аспект на потребите на општеството, имајќи ја предвид иднината на сегашните студенти, Јулија Кирби, уредничка на Харвард Бизнис, смета дека во наредните децении идните професионалци ќе работат во аугментирана средина, каде што софтверот ќе изведуваголем дел од когнитивната работа и укажува дека околу 40 проценти одинтелектуалните работни места ќе бидат застарени по инвазијата на паметнитe машини, а за тоа универзитетските студенти треба да се оспособат. Според ЏоелМокир, економист од Универзитетот „Нортвестерн“, дигиталната писменост станува предуслов за добивање работни места и за професионално напредување во работата во флексибилната економија.

Овде веднаш се наметнува прашањето за факторите што имаат влијание на начинот на којшто луѓето ја усвојуваат и се прилагодуваат на дигиталната технологија.Пречките не се секогаш директно поврзани со уредите што ги користат луѓето, има и други елементи што можат да влијаат и кои се пренесени од минатото.Некогаш како пречка може да се појави незнаењето да се употребуваат сите копчиња од тастатурата за пишување текст на компјутер кај почетниците или кај постарите луѓе.Наспроти тоа, има луѓе што не се одвојуваат од своите мобилни телефони преку кои се во постојана мрежна врска со своите групи додека седат дома со своите семејства или пријатели покрај маса во ресторан.Овие крајности укажуваат на тоа дека влијаат различни фактори, но иразлични карактеристики на современите екосистеми на дигиталната технологија, што го прават дигиталното вклучување покомплексно.

Ако се тргнува од концептот за дигитален капитал, можно е да се категоризираат типовите на политиките и програмите за унапредување на дигиталното општество во кои е неопходно да се вклучат следните елементи на овој вид капитал: пристап до добра инфраструктура, квалитет во пристапот, достапност,вештини, технички капацитет, корисничка способност и социјални овозможувачи. Овој капитал може да има економска, културна и социјална димензија.Економската димензија подразбира пристап до инфраструктурата, материјализиран во хардвер и софтвер, кои овозможуваат непречен пристап до интернет и до дигиталните алатки, но и достапност и сигурност на пристапот.Културната димензија се однесува на начинот на усвојување и користење на технологијата и ги опфаќа техничкиот капацитет, вештините иставот на корисникот, кои може да се стекнат со добро образование, обука и поддршка.Социјалната димензија на дигиталниот капитал е поврзана со социјалните можности вградени во политиките и програмите на општеството.Ако на почетокот сите политики ја имаа предвид достапноста до пристапот, сега веќе во нив се вградени дигиталната писменост и потребните обуки околу тоа, така што аспектот на корисниците има поголем простор.Но, сѐ уште е занемарена социјалната димензија како важен дел на политиките поврзани со надминувањето на дигиталниот јаз, каде што се присутни општествени бариери во форма на дигитален агеизам (дискриминација по старосни групи).

Прашањето за нееднаквоста и дигиталниот јаз во секоја земја одделно и меѓу земјите е исто така прашање што е поврзано со социјалната димензија што ја имаат новите ИКТ, при што пандемијата на КОВИД-19 ги направи јасно видливи.Еве што е согледано во статијата на LiCathy, LalaniFarah „Пандемијата од КОВИД-19 засекогаш го промени образованието“, објавена во WorldEconomicForum. Анализирајќи ја оваа сфера, како и во  многу други, во текот на  пандемијата се разоткрија нееднаквостите; додека 95% од учениците во земји како Швајцарија и Австрија имаат компјутер да извршуваат училишни работи, во Индонезија само 34% од учениците располагаат со соодветен сметач. Според Изабел Сантос, во Португалија: „Пандемијата претставува криза за денешните деца – и последиците може да ги следат до крајот на животот“; според неа, многу е веројатно дека денешните деца и адолесценти, кога ќе станат возрасни луѓе, ќе се гледаат себеси како „изгубена генерација“, зашто„нивните животи засекогаш ги покрила сенката на глобалната пандемија“ .

Состојбата во нашата земја ја опишува Сојузот на средношколците, кој уште во јуни 2020 година излезе со своја анализа.Оваа организација смета дека и порано приватните училишта во голема мера користеле интернет платформи за реализирање часови, но во јавното средно образование, особено во руралните средини и во училиштата за учениците со посебни потреби, платформите за далечинско учење не беа доволно користени. Според овој Сојуз, кај нас недостигаат стандардизација и јасни насоки од МОН  како да се одвива онлајн наставата. Тековната криза пoкажа дека образовните институции не се подготвени за далечинско учење, а пандемијата и затворањето на училниците уште еднаш ги открија сите слаби страни и недостатоци на образовниот систем:

“Тие што живеат во руралните средини или пак тие кои имаат посебни потреби за учење се најпогодени. Голем број училишта во Северна Македонија не користат Zoom или други платформи за конференциски повик со опција за видео, односно за онлајн видео-часови.Наместо тоа, користат GoogleClassroom, Edmodo, Viber и тие го испраќаат материјалот за учење во PDF формат, што води до нееднаквости во образованието.“

Но, напоредно со техничките предизвици, средношколците истакнуваа дека се под континуиран притисок бидејќи добиваат бројни домашни задачи со кои треба да се справуваат сами.Тие побараа образовните институции да инвестираат во развојот на капацитетот на наставниците, преку обуки да им помогнат на наставниците полесно да се прилагодат на новата наставна околина и да ги развиваат своите вештини за предавање преку интернет.Според нив, занемарното инвестирање во дигитализацијата и во обуките на наставниците создава тешкотии за ефикасна промена на методите и алатките.Голем број наставници и средношколци немаат доволно финансиски средства за да си ја овозможат потребната опрема и да учествуваат во процесот на далечинско учење.Тие истакнаа дека во МОН има податок за околу 40.000 ученици од ранливи категории кои немаат ИТ уред во домашни услови.Покрај овој недостиг на опрема за успешно вклучување во наставата, голем број ученици ја немаат потребната поддршка од дома, што ја зголемува нееднаквоста.Честопати недостига и повратна реакција од страна на наставниците во врска со извршените домашни задачи.Планот за настава на МОН предвидува индивидуален пристап за учениците со посебни образовни потреби, а за учениците што немаат пристап до ИКТ или до интернет, училиштето треба да обезбедува печатени материјали кои ги земаат родителите во соработка со наставникот или образовниот асистент.       

Од Владата и од МОН се очекуваше да најдат решение за воочените слабости и тие да се сведат на најмала можна мера во новата учебна година, но и во нивните планови да водат грижа за психолошкото влијание на кризата врз сите во образовниот процес (наставници, средношколци, практиканти и нивните семејства), особено во услови на разни ограничувања на услугите за ментално здравје, произлезени од мерките за социјално дистанцирање. Според Сојузот, државата треба да инвестира во создавање на една нова визија за образованието во време на неизбежна криза или вонредна состојба.

Во принцип, неопходно е образовните политики да ги имаат предвид социо-економските фактори при планирањето на наставни планови.Така, во оние земји каде што пристапот до интернетот и поседувањето компјутер дома се скудни новите ИКТ треба да се предаваат како посебен предмет.Во други земји, пак, каде што учениците и студентите лесно можат да ги користат дигитални медиуми за домашна работа и во слободното време, новите ИКТ можат да бидат интегрирани во наставните планови на предметите и да се предаваат на интегриран начин.

Но, напоредно со проблемите што го засегаат процесот на наставата, има и уште еден друг важен сегмент што е значајно загрозен, а тоа е социјалниот аспект.Тоа значи дека   образовните институции треба да располагаат со платформи за интеракција меѓу наставниците и средношколците за да го одржат во живот социјалниот аспект на наставата и учењето и да го минимизираат негативното влијание на социјалната изолација врз средношколците.

Пандемијата во голема мера ја запре инклузијата на децата со попреченост, за кои  физичката социјализација е многу битна за нивниот напредок и развој. Овој проблем не е само наш туку е и глобален, а со него се соочуваат и многу поразвиени земји.Но, кај нас последиците се поголеми, а образованието е соочено со изборот на помалата штета.Материјалната, техничката и психолошката поддршка на семејствата, учениците и наставниците е неопходна во сегашните општествени услови во кои егзистираат различни и ранливи социјални групи во општеството.Се чини дека свеста за ваквата поддршка се повеќе се става во фокусот. По повод одбележувањето на 17 октомври, Меѓународниот ден за борба против сиромаштијата, во своето видеообраќање министерката за образование и наука Мила Царовска истакна дека пристапот до квалитетното образование е најдобрата превенција од сиромаштијата. Таа вети дека ќе се заложи за еднаков пристап на сите деца до учењето, дека со сите сили ќе се настојува, преку итни реформи, да се подобри квалитетот на образованието, а со тоа и шансите за развој и за успешно вклучување во општеството на секое дете и негово вработување по завршувањето на образованието. Според неа, иако пандемијата во голема мера го отежна секојдневниот живот и работењето, таа ги забрза дигитализацијата и реформите во образованието и го  раздвижи образовниот систем во земјата. Покрај искажаната заложба,останува да видиме како ќе се одвива овој процес и дали ќе се оствари ветеното.

Ваквите почетни чекори во дигитализацијата на образованието во нашата земја треба будно да се следат и да се туркаат во правец на сѐ поголемо стеснување на дигиталниот јаз меѓу различните општествени групи кај нас и на јазот меѓу нашата земја и другите развиени земји во современиот свет.

Продолжува...

Неопходноста од воведување дигитална педагогија во наставата (9)

Значењето на кодирањето во наставата (8)

Наставниците и нивните предизвици во дигиталната ера (7)

Дигитална писменост- пат кон просперитетна иднина (6)

Mедиумска писменост- појава, развој и значење (5)

Значењето на дигиталната компонента на образовниот процес (4)

Значењето на дигиталната писменост и опасноста од дигиталниот јаз (3)

Принудно забрзување на долгоочекуваните промени во образованието (2)

Суштински промени на традиционалното образование (1)