ПРЕДИЗВИЦИТЕ НА ДИГИТАЛНОТО ОБРАЗОВАНИЕ (11)

Бесплатни ресурси за воведување нови технологии во наставата

18.06.2021 11:30

Серијал колумни од Билјана Жеревска- новинар и магистер по студии на политики

Во светот веќе има неколку програми кои се едноставни за користење, а воедно се и бесплатни, така што за нивната употреба во наставата се потребени само мотив и волја, односно, вклучувањето на човечкиот фактор.

Програмата „Пајтон“ е замислена како лесно читлив јазик, чие форматирање е визуелно насочено; таа често користи англискизборови каде што другите програмски јазици користат знаци. Во Велика Британија оваа програма стана податлива за користење од страна на ученици од најрана возраст. Од 2003 година, според индексот на „Заедницата за програмирање“ , „Пајтон“ беше рангиран меѓу првите десет најпопуларни програмски јазици, а во 2018 година се најде на листата на четвртиот најпопуларен јазик.

„Scratch“ е бесплатен јазик за визуелно програмирање и за мрежно поврзување, а го користат милиони деца низ целиот свет. Преку „Scratch“ децата можат да создаваат свои интерактивни приказни, потоа да ги споделуваат и меѓусебно да дискутираат за нивните креации. Овој софтвер е развиен од MIT MediaLab, со цел да им помогне на децата на возраст од 8 и повеќе години да научат креативно да размислуваат и системски да соработуваат. „Scratch“ често се користи во наставата за кодирање и во компјутерските  науки. Наставниците исто така го користат како креативна алатка за многу други предмети, вклучувајќи ги и предметите Математика, Физика, Хемија, Историја, Географија и Уметност. Јазикот на „Scratch“, базиран на блокови, влијаеше на многу други програмски концепти и сега се смета за стандард во воведувањето на децата во процесот на кодирање. Флексибилноста на „Scratch“ им овозможува на наставниците да создаваат концептуални и визуелни лекции и научни лабораториски  задачи, бидејќи „Scratch“ е корисна алатка за креирање анимации кои помагаат да се визуелизираат  тешките концепти. Во рамките на општествените науки, инструкторите можат да создаваат квизови, игри и упатства кои го стимулираат умот и комуницираат со ученикот. Користењето на „Scratch“ им овозможува на младите луѓе да ја разберат логиката на програмирањето и да научат како креативно да соработуваат.

„HTML“ е јазик за креирање на веб-страници.Овој софтвер може да се користи за организирање на структурирани информации, за создавање текстуални решенија или за објавување текстови. „HTML“ служи за обележување на HyperText и воедно е „скриениот“ код што ни помага да комуницираме со други на WWW, односно, со светската интернет мрежа. Кога се програмира со помош на „HTML“, се додаваат „ознаки“ на текстот, со цел да се креира неговата структура. Овие ознаки му кажуваат на прелистувачот како да ги прикаже текстот и графиката во документот. Покрај тоа што се едноставни за употреба, значајно е што „Пајтон“, „Scratch“ и „HTML“ се и достапни за сите електронски уреди.

Уште еден бесплатен начин за воведување на новите технологии во образованието еплатформата „Џи-суит“. Според Грини Ритфелд, регионален менаџер на ГУГЛ, станува збор за Гугл-училница и за многу лесен начин наставниците да споделуваат и да ги проверуваат домашни задачи со учениците. Оваа Гугл-училница е проект што е развиен  пред многу години за да им помогне на наставниците активно да користат гугл-документи, а учениците да можат во реално време да работат на свои документи. Овој  производ е прифатен од наставниците и преку него тие имаат можност да им даваат повратна информација на учениците во текот на процесот, а не само на крајот, кога ќе ја завршат домашната задача.

Бен Форта, едукатор од АДОБЕ, зборувајќи за нивниот придонес во унапредувањето на дигиталната писменост и примената на новите ИКТ во образованието, ја издвојува нивната бесплатна програма „Адобеспарк“, која е прилагодена за сестрано користење и тоа од деца во градинка, до ученици и студенти за да креираат интересни содржини. Таа работи со пребарувачи, на ајпади и на „кроумбукс“,  а има и алатки за наставниците кои се дел од интернет групацијата каде што разменуваат мислења, искуства и идеи за одржување на наставата.

КАХУ е бесплатна платформа за учење базирана на игри, која се користи како образовна технологија во училиштата и во други образовни институции. Тоа се атрактивно дизјнирани  квизови со повеќе опции, генерирани од корисниците, до кои може да се пристапи преку веб-прелистувач или апликацијата Kahoot. Може да се користи за проверка  на знаењето на учениците, за оценување или како пауза од традиционалните активности во училницата.

На кој начин може да се користат бесплатните алатки укажување проф. Беким Фетаји од Универзитетот „Мајка Тереза“, кој упатува на можноста да се користи бесплатната алатка Гугл мет, која овозможува снимање со неограничено време на сите предавања преку видеоконференција и нивно зачувување на серверите на Гугл, со што нема потреба финансиски да се оптоварува буџетот на МОН. На самата платформа може да се постават линкови до снимените предавања и тие да се сместат на Гугл драјв. Потоа е потребно да се отвори гуглмет адреса за видеоконференција што ќе биде наменета за една група ученици, така што преостанува само наставниците да се логираат преку линкот за предавања, преку портата зa видеа на Гуглмет. Секое училиште треба да отвори бесплатни е-маил адреси на Гугл, а учениците, секогаш кога ќе имаат потреба, ќе можат да се логираат преку нивните адреси . Опишувањето на овој пример овде е илустрација на бесплатните можности и потребата од вклучување на сите наши експерти во големата дигитална промена што следува во наставата и образованието, кон која ни е потребен рационален пристап што може да заштедува и време и средства, прилагоден пристап на нашите можности, но и кој ќе овозможи стандардизација како гаранција за квалитетна дигитализација во образовниот систем во нашата земја.

Продолжува...

Опасноста од дигиталниот јаз (10)

Неопходноста од воведување дигитална педагогија во наставата (9)

Значењето на кодирањето во наставата (8)

Наставниците и нивните предизвици во дигиталната ера (7)

Дигитална писменост- пат кон просперитетна иднина (6)

Mедиумска писменост- појава, развој и значење (5)

Значењето на дигиталната компонента на образовниот процес (4)

Значењето на дигиталната писменост и опасноста од дигиталниот јаз (3)

Принудно забрзување на долгоочекуваните промени во образованието (2)

Суштински промени на традиционалното образование (1)