ПРЕДИЗВИЦИТЕ НА ДИГИТАЛНОТО ОБРАЗОВАНИЕ (12)

Препораки за современ образовен систем

25.06.2021 11:38

Серијал колумни од Билјана Жеревска-новинар и магистер по студии на политики

Паралелно со тешкотиите што ги донесе пандемијата на вирусот КОВИД-19,глобално и кај нас, 2020/21-та година ги одбележа предизвикотна принудното префрлање на класичното во образование од далечина.Наметнатиот премин на онлајн настава, на највисок степен ја издигна потребата за информатичка и дигитална писменост како приоритет на образовните системи во светот и ги принуди креаторите на образовните политики да размислуваат и да изнаоѓаат начини за премостување на дигиталниот јаз, кој стана видлив по неминовната промена во начинот на одржување на наставниот процес.

Дигиталната писменост глобално е една од најактуелните теми поврзани со развојот на државите и на општеството.Употребата на наставата од далечина во текот на оваа година овозможи да се согледаат сегашните капацитети и идните потреби од дигитална писменост во современите општества, соодветно и во нашето. Во таа смисла, пандемијата ги поттикна државите да се насочат кон нови политики во образованието, каде што употребата на дигиталната писменост и надминувањето на дигиталниот јаз имаат нагласена улога во унапредувањето и реформирањето на воспитно-образовниот процес, кој треба да се прилагоди на новата дигитална ера, како време на Четвртата индустриска револуција.

Младите луѓе, чии родители веќе се родени во дигиталната ера, во голема мера се понапредни во оваа област и затоа е неопходно во иднина да се пронајде вистински пристап за тоа кои ИКТ вештини треба да им се овозможи да ги развиваат.Дваесеттиот век беше време на основни компјутерски вештини, кои станаа основна активност за многумина. Образованието насочено кон дигиталната писменост е неопходно да се подготви за новите предизвици на 21-виот век: употреба на социјални веб-апликации и на екосистеми кои овозможуваат размена на знаење и креативност. Овие два концепта ќе бидат во центарот на експертските дискусии за дигиталната писменост на иднината.Дигиталната писменост може да го поттикнува креативното изразување само ако образованието опфати широк спектар на креативни опции што новите ИКТ можат да ги понудат.Според УНЕСКО, креативноста како главна компонента на дигиталната писменост веројатно ќе ја карактеризира употребата на ИКТ во 21-виот век, исто како што и консумирањето информации беше релевантно во последните децении од 20-тиот век.Ако дигиталната писменост подразбира развој на креативноста, несомнено е дека ќе биде неопходно да се променат сегашните педагошки методи и модели.Исто така, голем број дела со стручна литература посветени на оваа проблематика содржат предвидувања дека социјалните мрежи, во и надвор од училиштата, ќе фрлат нова светлина на дигиталната писменост.Веб-апликации, блогови, енциклопедиски сајтови, социјални мрежи, микроблогирања, сите тие се очекува да имаат голем ефект на начинот на којшто го конструираме и го екстрахираме знаењето.Ефектите што ги имаат социјалните мрежи врз нашите животи честопати се публикувани и потврдени, но дури и денес тие ретко се употребуваат во образовни цели.Креирањето информации и нивната комуникација со корисниците се вештини што имаат големо значење, кои паралелно со процесот на развој на дигиталните алатки овозможуваат креативно искуство со висок квалитет, поврзувајќи значително зголемена група на корисници. Се смета дека дигиталните алатки се погодни за многу нешта, дека нивната најголема придобивка е можноста преку нив луѓето да станат активни учесници и креатори наместо да бидат само корисници:

„Да се биде отворен и заинтересиран за создавање личен израз, за заеднички проекти со пријатели или за започнување активности за заедницата, отвора можности за многу општествени и економски придобивки од личен и од поширок обем.“ (Ala-Mutka)

Разбудената креативност во процесот на употребата на дигиталните алатки и мрежи може да создаде нови придобивки за работата, во учењето или за збогатување на животот со некое хоби преку користење на иновативни средства во извршувањето на задачите и во презентирањето на резултатите. Накусо, тие поттикнуваат „да се биде отворен за учење или за иновативност и да се прилагодуваат и обликуваат постојните начини во нови модели“ (Ala-Mutka). Покрај креативноста, значајно е да се потенцира дека апликациите кои овозможуваат соработка го зголемуваат значењето на социјалните вештини во процесот на учењето и кај младите и кај возрасните ученици, но и кај професорите.Затоа една од главните поенти е дека во развојниот процес на дигиталната писменост во 21-виот век комуникацијата и креативноста во рамките на дигиталните медиуми ќе бидат во центарот на овој нов општествен феномен.

Актуелната образовна криза, на некој начин, покажа како ќе изгледаат училиштата на иднината, пред сѐ преку потребата од индивидуализиран пристап спрема секое дете, затоа што на овој нов процес на комуникација несомнено влијаат и многу други елементи: структурата на домот, социјалниот амбиент, личните комуникациски вештини за интеракција на интернет, менаџментот на времето и работата, истовременото извршување на повеќе операции, дигиталната писменост, психолошката подготвеност на наставниците за јавна интеракција и др. Кога луѓето ќе се сретнат со дигиталниот свет, тие го користат својот претходен сет на знаење, своите мрежи, алатки и вештини за да се прилагодат на новата средина, па така некои се поподготвени од други. Претходно стекнатите искуства од  дигиталната ангажираност се клучни за да разбереме зошто и како луѓето се разликуваат во начинот на прилагодување кон нивната дигитална околина.

Образованието, како континуиран развоен процес, во постковидниот период што следува, освен во стандардната училница, несомнено ќе се одвива во уште една, виртуелна училница, која ќе прерасне во комуникациски простор и мултимедијална платформа за дигитализирано учење.

Различни фактори влијаат на начинот на којшто луѓето ги усвојуваат новините и се прилагодуваат на дигиталната технологија.Пречките не се секогаш директно поврзани со уредите што луѓето ги користат, има и други елементи што произлегуваат од минатите негативни искуства.За да се овозможи оваа голема промена од еден во друг систем на комуникација во образованието, неопходно е да се согледа комплексноста на процесот и да се овозможи стручна поддршка.Па така, се размислува дека е потребно во училиштата, освен педагог и психолог, да има барем по еден вработен експерт за ИТ како поддршка на наставата и електронските системи за учење и оценување, како и за ИТ поддршка на администрацијата. Како што ќе растат потребите со текот на времето за понапредна дигитализација така ќе има и потреба од канцеларија за ИТ поддршка со неколку вработени за разните системи: учење, администрација, техничка поддршка за наставниците, учениците и родителите.

Во реалноста многукратно е потврдено дека за да се направат промени пред сѐ се неопходни волја и свесност, а дури потоа и финансиски средства.Овој пат промените ги забрза неочекуваната пандемија на КОВИД-19, која неодложно ја наметна потребата наставата да се одржува од далечина. Во напорот да се воведе онлајн настава во РСМ, во што се вклучија сите политички фактори, државни инстанци и сите составни делови од образовниот систем, беа направени и добри и погрешни чекори, се покажаа сите добри и слаби страни на системот за образование и се согледаа сите недостатоци и од порано неискористени можности. Се увиде, на пример, дека во нашево време, кога се достапни мобилни телефони, веќе ни стојат на располагање бесплатни и едноставни алатки за употреба во дигиталната настава кои не се употребуваат најчесто поради незадоволната обука на наставниот кадар.Наспроти достапноста на технологијата, стана видлив социјалниот јаз, кој го попречува правото на образование на децата од неразвиените рурални подрачја чии објекти за образование се под секое ниво и непримерни за 21-виот век, без можности за вклучување на ИК уреди.Меѓу најнепожелните ефекти што ги имаше наставата од дома е тоа што ги стави во нерамноправна положба оние ученици што дома немаат соодветни дигитални уреди за да се вклучат во процесот, како и чии родители не се доволно дигитално писмени за да им помагаат.Како хумано општество насочено кон еднаквост и рамноправност, неопходно е да се пресретне оваа состојба и таа да биде уредена со посебни уредби, акти и финансиска поткрепа.

Исто така, се покажа дека капацитетите на нашите училишта за користење на дигиталните алатки, како и давањето на непосредна поддршка на училиштата со цел да се спроведе ефикасна и одржлива дигитализација на воспитно-образовниот процес и негово прилагодување на условите за учење наметнати од пандемијата предизвикана од КОВИД-19, се далеку од оние на високоразвиените земји, како резултат на одложуваните вложувања во дигитализацијата на образованието.

Неопходно е мапирање на актуелната состојба со дигитализацијата во образованието, кое ќе покаже каде и што треба да се преземе во поглед на создавање исти или слични услови за образование.

Согледувајќи ги слабостите и недостатоците во онлајн наставата која се спроведуваше во периодот март-јуни 2020-та година, во „Концептот за развивање систем за образование од далечина во основните и во средните училишта“, МОН зацрта неколку основни полиња на кои треба да работи за успешно имплементирање на дигиталната настава и педагогија во РСМ.Едното поле се однесува на легислативата, која треба да претставува основа на која ќе се втемели учењето од далечина на начин што ќе создаде услови за стандардизиран приод во нејзината реализација.Второто поле се однесува на потребата за континуирани обуки пред сѐ на наставниот кадар, но и на сите други вклучени во образовниот процес, во поглед на соодветни теориски и практични педагошки знаења за ваков тип настава.Третото поле ги опфаќа обуките за дигитални компетенции на наставниот кадар и други чинители кои водат кон нивна оспособеност за пренесување на дигиталната писменост кај учениците.Четвртото поле се однесува на потребата да се подобри лошата ИКТ опременост на училиштата, наставниците и семејствата со понизок животен стандард.

Овие промени најавени во „Концептот“ на МОН не се доволни за да се направи суштинско приближување на нашето образование кон европското. Недостасува ставање акцент на суштината на промената, а тоа се курикулуми со педагошки пристап во кои се интегрирани новите технологии. Промените се задржани на ниво на внесување хардвер, софтвер и комуникациски решенија. Сметам дека кај нас, по урнекот на високоразвиените општества, новите ИКТ треба да имаат место во секој предмет, а наставниците треба темелно да се оспособат за дигитална настава и да им се овозможи слобода да развиваат иновативен пристап за дигитално редизајнирање на наставните програми.Ова не значи дигитални учебници, туку, иновативна педагогија  која содржината на учениците им ја предесува со употреба на ИКТ, со цел комуникацијата да биде блиска до нивната стекната дигитална перцепција. Дигиталната писменост, во која треба да биде вклучено и кодирањетокое носи развој на критичкото размислување, спомната е во неколку развојни документи, но без да и се даде вистинското место и значење. Недосасува темелна експликација за значењето и потребата од дигиталната писменот  и нејзино поагресивно вметнување во развојните документи. Претходно разработените поими: кодирање, развојна свест, метакогниција и превртено учење треба што побргу да најдат место и примена во наставата, а преку употребата на дигиталните технологии во образованието ќе се направат суштинските поместувања во оспособувањето на младите за нивната улога како производители и даватели на услуги, но и како граѓани за високотехнолошкиот 21-ви век.

Сметам дека наш приоритет е да се воведе кодирањето во наставата, со цел да се поттикне развојот на креативното и критичкото мислење, како и на аналитичкото решавање на проблемите и стекнување вештини за идните работни позиции. Во таа смисла, неопходна е радикална промена на нефункционалните и општи наставни програми, со ставање акцент на стекнување практични знаења и вештини. Станува збор за промена на застарените предмети со нови, кои ќе бидат базирани на интердисциплинарност (кај оние групи предмети каде тоа е педагошки изводливо и социолошки прифатливо); но и за промена во оценувањето (описно наместо нумеричко); за воведување на индивидуален пристап во наставата; воведување на Qualitystandard, односно еднакви услови за учење за секој ученик во државата; воведување на СТЕАМ настава, што е особено важно денес во образованието затоа што токму таму, во техничките науки и креативноста, се наоѓаат најголемиот број и најплатените професии што се најпривлечни.

Освен тоа, потребно е: во секое училиште да работат по двајца ИТ експерти, задолжени за континуирана обука на наставниците и за прилагодување на курикулумите за ИТ настава; да се создаде неполитичко координативно тело од врвни експерти кои имаат остварено индивидуални резултати во областа; да се изработи национален план за воведување на кодирањето во наставата за чие спроведување ќе се побараат средства од фондовите на ЕУ; да се обезбедат стимулативни награди за наставниците кои ќе постигнат добри резултати и ќе демонстрираат иницијативност.

Со цел овој вид на образование да не се доживее како наметнато и да не остане празно и безлично, потребно е учениците и професорите заеднички да откријат што им одговара а што не.Новите дигитални технологии и онлајн образование се во постојан развој и во континуирана промена.Современите образовни процеси допрва треба да ги откриваат нивните предности, но исто така и да ги осознаваат проблемите и да ги изнаоѓаат решенијата за нив. Имајќи ја предвид достапноста и раширеноста на дигиталната технологија, сите чинители во овој процес треба да ги прифатат промените, да се прилагодат на новата глобална состојба, да ги искористат новите потенцијали и можности што ги нуди, создавајќи ученици подготвени за професиите на 21-виот век.

Во почетокот на декември оваа година од страна на креаторите на политиките беше демонстрирана силна волја за спроведување реформи во образованието,  и дека со овој нов национален модел на образованието во РСМ, заснован врз успешните модели на образование во десетина европски земји, се менува пристапот на наставниците спрема децата, се воведува современа педагогија во образованието, а наставниците добиваат нова улога во која тие ќе можат самостојно да креираат успешни наставни содржини за пренесување на знаењата и за совладување на лекциите од страна на учениците. Покрај тоа, најавено е и дека дигиталната писменост и управувањето со ИКТ стануваат составен дел на образованието, како и тоа дека е планирано и вклучување на медиумската писменост.

Ако и досега во нашата земја вратата секогаш била отворена за промени и за прилагодување на законодавството кон нив, она што недостигало за да заживеат промените е неспремноста да се фатиме во костец со тешкотиите што стојат на патот за нивна целосна примена во практиката, така што општеството имало одвај видлива полза. Најавената суштинска и темелна реформа во основното и средното образование, забрзана од пандемијата предизвикана од КОВИД-19, барем го направи првиот голем  исчекор од летаргичноста и  ја отвори дебатата за образование кое нема да заостанува  зад образованието во земјите од ЕУ. Ако се успее во овие намери, тоа е најдобриот влог во иднината на нашите деца и најдобрата инвестиција на и за нашата земја.

Науката за мислењето, метакогницијата, преку употребата на овите технологии го издигнува процесот на учење на повисоко ниво, со што се развиваат менталните активности на ученикот. Педагошкиот пристап базиран на „развојот на свеста“, наспроти „фиксираната свесност“,  заедно со психологијата и дигиталните технологии суштински го променувааттрадиционалното образование.Неопходно е  нашето општество забрзано да помине низ овој процес.

Во современото дигитално општество, неопходно е образованието да ги развива граѓанските демократски вредности и да ги подготвува учениците и студентите за активна улога во демократизацијата на граѓанското општество,но секако, пред се, темел  на образованиоето да биде развивање љубов и почит кон сопствената земја, а еднаквиот стандардизиран образовен систем тоа може да го овозможи. Образованието во кое се интегрирани дигиталните технологии, со глобални вредности и интеракција со светот, ќе поттикне поголема граѓанска свесност и одговорност спрема различните култури и идентитети, и ќе придонесе за поадекватно демократско уредување според потребите на современото општество, чија карактеристика е културниот диверзитет или културниот плурализам.

Бесплатни ресурси за воведување нови технологии во наставата (11)

Опасноста од дигиталниот јаз (10)

Неопходноста од воведување дигитална педагогија во наставата (9)

Значењето на кодирањето во наставата (8)

Наставниците и нивните предизвици во дигиталната ера (7)

Дигитална писменост- пат кон просперитетна иднина (6)

Mедиумска писменост- појава, развој и значење (5)

Значењето на дигиталната компонента на образовниот процес (4)

Значењето на дигиталната писменост и опасноста од дигиталниот јаз (3)

Принудно забрзување на долгоочекуваните промени во образованието (2)

Суштински промени на традиционалното образование (1)